Австралиските власти објавија дека ги истражуваат визите и на други странски тенисери откако Новак Ѓоковиќ беше приведен на аеродромот во Мелбурн поради спорот околу правилата за вакцинирање против ковид-19. Најдобриот светски тенисер ќе остане во имиграциски притвор во хотел барем до понеделник, за кога е закажана итна судска постапка која може да заврши и со негово депортирање од Австралија.
Отвореното првенство на Австралија треба да почне на 17 јануари, но сега се појавуваат и други проблеми околу распоредот.
Министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус кажа дека има навестувања дека и некои други играчи не ги исполниле условите за влез во земјата и дека тоа се истражува. Таа не откри за колку играчи станува збор.
„Ѓоковиќ не го држиме како заробеник. Тој е слободен да си замине кога и да посака, граничните служби ќе му излезат во пресрет“, изјави таа.
Организаторите на првиот гренд слем турнир во годината му дозволија на Ѓоковиќ да учествува иако не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во Австралија. Тој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето, но австралиските власти кажаа дека за тоа треба да има и добар доказ. Во средата, тој со часови беше држан на аеродромот во Мелбурн, пред да му биде одбиена визата поради процедурална грешка.
Вчера во Белград се одржа протест за поддршка на Ѓоковиќ, додека српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека тој е жртва на вознемирување.