Австриското министерство за надворешни работи издаде предупредување за патување во земјите од Западен Балкан поради епидемијата на коронавирус. Министерот Александар Шаленберг кажа дека предупредувањето се однесува на БиХ, Косово, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
Тој кажа дека во Австрија веќе има случаи на заразени со коронавирус поврзани со повратници од Западен Балкан, а такви случаи има и во Словенија и Хрватска. Предупредувањето на министерството предвидува тест за коронавирус или 14-дневна домашна изолација за лицата кои ќе дојдат во Австрија од Западен Балкан.
Со ваквото ограничување за Србија и Црна Гора, Австрија се спротивстави на заедничката одлука на ЕУ, донесена вчера. Со одлуката требаше да се отворат границите на ЕУ за 14 земји, вклучувајќи ги Србија и Црна Гора. Министерот Шаленберг кажа дека одлуката е само препорака.