АВТОБУСОТ ШТО ВЧЕРА ИЗЛЕТА И СЕ ЗАПАЛИ КАЈ ВЕНЕЦИЈА БИЛ ПОЛН СО МЛАДИ ТУРИСТИ, НА ПАТОТ НЕМА ТРАГИ НА КОЧЕЊЕ

    АВТОБУСОТ ШТО ВЧЕРА ИЗЛЕТА И СЕ ЗАПАЛИ КАЈ ВЕНЕЦИЈА БИЛ ПОЛН СО МЛАДИ ТУРИСТИ, НА ПАТОТ НЕМА ТРАГИ НА КОЧЕЊЕДосега е потврдено дека загинале 21 лице (Фото: ЕПА)

    Петмина Украинци и еден германски државјанин се меѓу жртвите на вчерашната сообраќајна несреќа близу Венеција, кога автобус излета од патот и падна на пруга од височина од 15-ина метри, по што се запали. Несреќата се случи во округот Местре, кој со мост е поврзан со Венеција.

    Меѓу загинатите се и три деца, вклучувајќи бебе. Повредени се 15 луѓе, меѓу кои има државјани на Украина, Шпанија, Австрија, Хрватска, Германија и Франција. Двајца од повредените се во критична состојба.

    Еден од спасувачите изјави дека автобусот бил полн со млади луѓе. Автобусот бил изнајмен од локална компанија за да превезе 39 туристи од историскиот центар на Венеција до камп во соседниот округ Маргера.

    „Автобусот бил на хибриден погон, на електрични батерии и метан. Резервоарот експлодирал веднаш по ударот, по што избувнал пожар, па расчистувањето на местото на несреќата беше сложена операција“, изјави заповедникот на противпожарната бригада Мауро Лонго.

    Работник од Гамбија и негов колега биле меѓу првите кои стигнале до запалениот автобусот и притоа успеале да извлечат четворица луѓе, вклучувајќи една млада девојка.

    Нејасно е од кои причини автобусот излетал од патот на удолницата бидејќи нема назнаки дека 40-годишниот возач се обидел да закочи. Тој исто така загинал во несреќата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира