БЕЛОРУСКИТЕ АВИОКОМПАНИИ ДОБИЈА ЗАБРАНА ЗА ЛЕТАЊЕ ВО ЕУ ПОРАДИ КИДНАПИРАЊЕТО НА НОВИНАР

    БЕЛОРУСКИТЕ АВИОКОМПАНИИ ДОБИЈА ЗАБРАНА ЗА ЛЕТАЊЕ ВО ЕУ ПОРАДИ КИДНАПИРАЊЕТО НА НОВИНАРБелорускиот национален авиопревозник „Белавија“ лета кон 20-ина дестинации во ЕУ (Фото: Ројтерс)

    Европската Унија им забрани на белоруските авиокомпании да го користат нејзиниот воздушен простор и да слетуваат на аеродромите во блокот поради неодамнешното присилно приземјување на авионот на „Рајанер“ со цел да се уапси опозицискиот новинар Роман Протасевич. На европските авиокомпании исто така силно им се препорачува да не летаат над Белорусија.

    Дваесет и шестгодишниот Протасевич леташе од Атина за Вилнус на 23 мај, кога авионот беше пренасочен кон Минск. Набргу по слетувањето, тој беше уапсен заедно со девојка му Софија Сапега. Белоруската телевизија вчера објави интервју со Протасевич, кој низ солзи призна дека организирал антивладини протести, што неговото семејство смета дека било изнудено.

    Забраната за белоруските авиокомпании е дел од поширок пакет санкции за земјата и стапи на сила синоќа пред полноќ. Белорускиот национален авиопревозник „Белавија“ лета кон 20-ина дестинации во ЕУ.

    Агенцијата за безбедност во авиосообраќајот на ЕУ исто така издаде наредба да се избегнува белорускиот воздушен простор, освен ако не е итно. Одлуката ќе погоди околу 400 цивилни авиони кои секој ден ја прелетуваат Белорусија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира