Отварањето на Берлинале синоќа беше целосно за политика, од црвениот килим, каде лидерката на Зелената партија и потпретседателка на Бундестагот Клаудија Рот носеше црн фустан на кој со големи букви беше испишано „непретседателски“ – алузија на неписменоста на американскиот претседател Доналд Трамп (кој еднаш во твит напиша „непретседателски“ место „без преседан“), па до официјалните говори на сцената за слобода на говорот, слободна уметност и отпор на репресијата.
На церемонијата, новата власт на САД беше исмеана и од германската комичарка Анке Енгелке, која беше водителка на отварањето. Таа ги праша странските гости: „Дојдовте на фестивалот? Или некој ве спречува да се вратите во својата земја?“, што доби гласна смеа во публиката.
Енгелке го поздрави жирито со забелешка дека лани Мерил Стрип беше претседателка: „Таа одлично сработе, ама подоцна на Твитер разбравме дека сме паднале на некој кој бил најпреценета актерка во Холивуд. Веќе нема да ја викаме“. Претставувајки го претседателот на жирито Пол Верховен, Енгелке додаде: „Тој е феминист и носи надеж и храброст… жените ги шират нозете за него дури и кога веќе ја добиле улогата“. А во врска со германскиот хит филм „Тони Ердман“, таа рече: „Филмот е за еден стар човек со смешна фризура кој има тежок однос со ќерка му, баш како што сака Америка“.
Но не беше сѐ смешно. Германската комесарка за култура и медиуми Моника Гритерс им посака „добредојде на сите странски гости во духот на Џон Ф. Кенеди“, а градоначалникот на Берлин Михаел Милер рече „По падот на Берлинскиот ѕид, рековме дека никогаш веќе ѕидови нема да ги делат луѓето. Сега го мислиме истото повеќе од било кога“.
Берлинале отвори со „Џанго“, на францускиот автор Етјен Комар, вистинска приказна за џез гитаристот и композитор Џанго Рајнхард, кој како припадник на малцинството Синти морал да избега до Париз за време на нацистичката окупација во Втората светска војна.
За престижната Златна мечка во трката се 18 филмови, меѓу кои и новите на Фолкер Шлендорф, Дени Бојл, Стенли Тучи, Џејмс Манголд, Аки Каурисмаки и Сели Потер.
Македонија на Берлинале е присутна во реномираната програма Панорама со филмот на Теона Митевска „Кога денот немаше име“, инспириран од убиствата кај Смилковско Езеро, чија светска премиера ќе биде на 14 февруари.