Фармацевтската компанија од Мајнц „Бионтек“, објави дека во 2020 година остварила приход од 270 милиони евра само од вакцината против ковид-19 што ја разви заедно со својот американски партнер „Фајзер“.
„2020 беше трансформациска година за ‘Бионтек‘ со развојот и одобрувањето на првиот лек во историјата заснован на информациона РНК“, изјави Угур Шахин, коосновачот и извршен директор на компанијата.
Тој додаде дека до март годинава биле испорачани 200 милиони дози во повеќе од 65 држави и региони.
„Веќе се забележуваат првите знаци на намалување на бројот на заразени и починати од ковид-19 во некои земји“, рече Шахин.
Шахин ја основал компанијата заедно со сопругата Озлем Туречи, и двајцата имигранти од Турција. Компанијата планира да го зголеми производството на вакцини против ковид-19 од две на 2,5 милијарди дози до крајот на годината.