Европската Унија им порача на мигрантите дека европските врати се затворени за нив додека грчката и турската полиција фрлаа солзавец за да ги смират тензиите по новиот наплив на бегалци од Сирија.
„Не одете кон границата. Границата не е отворена. Ако некој ви кажал дека е отворена, тоа не е вистина. Избегнете движење кон затворена врата“, изјави еврокомесарот за надворешна политика Хосеп Борел.
Брисел ја обвини Турција дека ги користи мигрантите за политички цели, откако претседателот Ердоган минатиот викенд објави дека ја отвора границата за премин на сириските бегалци кон ЕУ. Оттогаш, илјадници мигранти се обидуваат да стигнат до Грција по копно и море. Грчката полиција употреби солзавец и водени топови за да го спречи нивното влегување во земјата, на што со иста мерка возврати и турската полиција.
Турција испрати дополнителни илјада специјалци на границата со Грција за да го спречи враќањето на бегалците кои успеале да преминат.
Европската Унија вчера објави дека ќе испрати хуманитарна помош од 60 милиони евра за цивилите во северозападна Сирија, каде што во изминатите месеци имаше жестоки борби помеѓу сириските владини сили и бунтовниците, во што се вмеша и Турција.