Велика Британија би можела да биде домаќин на следната Евровизија, откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ) заклучи дека Украина не е способна да го организира натпреварувањето.
„Калуш оркестра“ ѝ донесе победа на Украина на годинашната Евровизија со песната „Стефанија“, со што земјата се здоби со право да биде домаќин во 2023, но таа исто така се наоѓа среде војна.
„Со длабоко жалење заклучивме дека нема да биде можно да се обезбедат сигурносни и оперативни гаранции за одржување на настанот во Украина“, соопшти ЕБУ.
Организацијата му е понудена на Би-Би-Си, откако Британецот Сем Рајдер заврши на второто место.
„Евровизија е една од најсложените ТВ-продукции на светот и се подготвува 12 месеци. Ќе почнеме преговори со Би-Би-Си, со цел Евровизија 2023 да се одржи во Велика Британија“, кажаа од ЕБУ.
Британија последен пат беше домаќин на Евровизија во 1998 година.