Британскиот премиер Борис Џонсон вечерва најави дека заштитните маски ќе бидат задолжителни во продавниците и јавниот превоз како и ПЦР тестовите за сите патници кои влегуваат во Велика Британија, со цел да се спречи ширењето на ковид-19. Британија веќе потврди два случаја на омикрон, новиот сој на ковид-19.
Откако Светската здравствена организација (СЗО) рече дека новиот сој, откриен на 24 ноември во Јужна Африка е загрижувачки, и голем број земји ги ограничија патувањата, Џонсон вечерва ги најави новите мерки за да се спречи ширењето на позаразниот сој.
Џонсон кажа дека секој кој ќе влегува во Британија, веќе вториот ден ќе мора да направи ПЦР тест и да се самоизолира додека не добие негативен резултат.
Контактите на сите потврдени случаи со сојот омикрон ќе мора да се самоизолираат на десет дена. Тој додаде дека здравствените власти ги разгледуваат можностите за помасовна вакцинација со третата доза на вакцина против ковид-19.