Меѓу евакуираните туристи од пожарот на грчкиот остров Родос засега нема македонски државјани, јави државната агенција МИА, повикувајќи се на македонската амбасада во Атина. Околу 19.000 луѓе се евакуирани поради пожарите кои шести ден се шират на Родос, објавија грчките власти.
Министерството за климатски промени и цивилна заштита соопшти дека тоа е „најголемата евакуација од шумски пожар во земјата“. Локалната полиција соопшти дека 16.000 се евакуирани по копно и 3.000 по море, од 12 села и неколку хотели, без жртви. Шест лица беа накратко хоспитализирани со респираторни проблеми, а подоцна беа пуштени дома.
Во меѓувреме два големи туроператори од Велика Британија, Џет2 и ТУИ, соопштија дека ги откажуваат сите летови кон Родос најрано до вторник.
Функционирањето на аеродромот на Родос, кој е на педестина километри од жариштето на огнениот фронт не е засегнато и летовите се одвиваат според планираното. Сепак, на аеродромот има зголемена гужва бидејќи многу од евакуираните туристи се превезени до аеродромската зграда каде што тие се обидуваат да стапат во контакт со авиокомпаниите или туристичките агенции преку кои ги платиле аранжманите. На аеродромот останаа и патниците кои слетале во сабота и требало да бидат сместени во хотелите во подрачјата кои се евакуирани.
Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство издаде вонредни препораки до британските туристи што се на одмор на Родос да ги следат упатствата на службите за вонредни ситуации.
„Ако планирате да патувате на Родос, ве молиме пред патувањето да се консултирате со вашата патничка агенција или хотелот за да проверите дали областа во која ќе одите не е засегната од моменталните пожари“, се вели во вонредното обраќање на британското Министерството за надворешни работи.
Грчката противпожарна служба предупреди дека ситуацијата на Родос може да се влоши поради временските услови. Островот од вторникот се бори со шумските пожари предизвикани од силните ветрови, додека Европа се справува со топлотен бран. Изутринава на 266 пожарникари и 49 возила на теренот им се придружија пет хеликоптери и 10 авиони – седум грчки, два турски и еден хрватски за да помогнат во гаснењето на пожарот, соопштија властите. Во текот на денот се очекуваат уште 15 противпожарни возила.