Бугарија генерално го почитува правото на слобода на здружување, но и натаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци, се вели во најновиот извештај за човекови права на американскиот Стејт департмент. Во извештајот се споменуваат повеќе македонски друштва кои бугарските власти и натаму не ги признаваат, и покрај бројните пресуди од Европскиот суд за човекови права против државата.
„Властите продолжија да одбиваат регистрација на активистички групи на етничките Македонци, како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштво на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружение за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 и Македонски културен клуб ‘Никола Вапцаров‘, и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека нивното негирање ја нарушува слободата на здружувањето“, вели Стејт департментот во делот за слободите за мирно здружување.
Вашингтон потсети и на случајот од февруари, кога Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на ОМО Илинден-Пловдив.
„Образложението беше дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелациониот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, пишува во годишниот извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права.