БУГАРИЈА Ѝ ВЕТИЛА НА МАКЕДОНИЈА САМО 100 ВАКЦИНИ, РАМА НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ИЗЈАВАТА ДЕКА ЕУ Е СЕБИЧНА

    БУГАРИЈА Ѝ ВЕТИЛА НА МАКЕДОНИЈА САМО 100 ВАКЦИНИ, РАМА НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ИЗЈАВАТА ДЕКА ЕУ Е СЕБИЧНАРама повтори дека нема оправдување за изоставувањето на земјите од регионот од дистрибуцијата на вакцини. (архивска фотографија)

    Албанскиот премиер Еди Рама останува на ставот дека Европската унија е себична кога се во прашање вакцините против ковид-19, откако Француската амбасада во Тирана реагираше на неговите обвинувања за земјите членки на ЕУ.

    „Во ТВ интервју, Еди Рама, албанскиот премиер, јасно ги обвини членките на ЕУ дека се себични и цинични. Амбасадата потсетува дека секоја година ЕУ е најголем донатор на Албанија со над 100 милиони евра во различни сектори“, се вели во реакцијата на Француската амбасада.

    Станува збор за интервјуто на Рама за „Топ Ченел“, во кое кажа и дека Бугарија ѝ ветила на Македонија 100 вакцини, но и тие не ги испорачала, одговарајќи на критиките дека Албанија добила само 1.000 дози.

    Рама ѝ одговори на Француската амбасада на Твитер, велејќи дека не нападнал ниту еден сојузник, најмалку Франција, и дека ја цени помошта од ЕУ, но дека останува на ставот дека одлуките на земјите членки на ЕУ се себични.

    Рама повтори дека нема оправдување за изоставувањето на земјите од регионот од дистрибуцијата на вакцини.

    „Јас зборував за конкретен молк во конкретна ситуација, во врска со вакцината и не се откажувам од тоа што го кажав. Нема оправдување за изоставувањето на земјите од регионот од дистрибуцијата на вакцините против ковид-19“, вели Рама.

    Во делот од интервјуто, каде што беше прашан за Македонија, Рама рече:

    „Македонија уште нема почнато со вакцинацијата. Требаше да почне, но не почна и тоа не е по вина на Македонија. Бугарија вети дека ќе им даде 100 вакцини, но сè уште ги нема дадено, бидејќи ако им ги дадеше, тие ќе ги искористеа“.

    Македонскиот премиер Зоран Заев денеска кажа дека српскиот претседател Александар Вучиќ му се јавил и му рекол дека ќе ни даде 8.000 дози од вакцината на „Фајзер“.

    Министерот на здравство Венко Филипче на 22 декември беше во Софија и тогаш кажа дека Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја и дека бугарската влада одлучила во нашата земја вакцини против ковид-19 да стигнуваат во исто време, како и во останатите земји членки на Европската Унија.

    Бугарија првите дози ги доби на 26 декември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира