БУГАРСКОТО СОБРАНИЕ ТРЕБА ДА ОДОБРИ 51.480 ВАКЦИНИ „ФАЈЗЕР“ ЗА МАКЕДОНИЈА, ИМААТ ВИШОК 2,8 МИЛИОНИ ДОЗИ

    БУГАРСКОТО СОБРАНИЕ ТРЕБА ДА ОДОБРИ 51.480 ВАКЦИНИ „ФАЈЗЕР“ ЗА МАКЕДОНИЈА, ИМААТ ВИШОК 2,8 МИЛИОНИ ДОЗИБугарија последна во ЕУ почна со вакцинирањето и има само 20% целосно вакцинирани возрасни граѓани (Фото: СДК.МК)

    Бугарија објави дека ќе ѝ подари на Македонија 51.480 дози од ковид вакцината на „Фајзер/Бионтек“. Тоа е одлука на привремената Влада што треба да биде ратифицирана во Народното собрание. Македонија притоа ќе ги покрие трошоците за испорака на вакцините, согласно тристраниот договор со Бугарија и компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.

    Бугарија, која последна во ЕУ почна со вакцинирањето, има само 20% целосно вакцинирани возрасни граѓани, според Европската здравствена агенција. 21,8% Бугари имаат примено една доза, а од 5,14 милиони платени и испорачани вакцини, 2,85 милиони и натаму не се аплицирани.

    До вчера, 539.037 жители на Македонија се целосно имунизирани.

    Во оваа статистика не влегуваат македонските државјани што се вакцинирани со две дози во Србија, кои според непотврдени информации се околу 30.000, па и тие го дигаат процентот на целосно имунизирани од ковид-19.

    Според податоците од 30 август, 25,6% од македонските граѓанки и граѓани се вакцинирани со две дози, а 34,8% со една доза.

    Од денеска, Македонија се наоѓа на „црвената листа“ на Бугарија според ризикот од зараза со коронавирус заедно со уште неколку други земји. Но, македонските граѓани нема да се соочат со ограничувања при влез во земјата, односно како и до сега ќе мора да се покаже вакцинален сертификат, потврда за прележаност, или ПЦР тест.  Бугарија објави дека го признава дигиталниот ковид сертификат на Македонија, израмнувајќи го со оној на Европската Унија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира