ДЕВЕТ ПОЧИНАТИ И 440 ЗАРАЗЕНИ ОД НОВИОТ ВИРУС, ПРВ СЛУЧАЈ ПРИЈАВЕН И ВО САД

    ДЕВЕТ ПОЧИНАТИ И 440 ЗАРАЗЕНИ ОД НОВИОТ ВИРУС, ПРВ СЛУЧАЈ ПРИЈАВЕН И ВО САДКинеските власти предупредија дека вирусот би можел да мутира и дека постои голем ризик од негово натамошно ширење (Фото: ЕПА)

    Бројката починати од новиот вид коронавирус откриен во Кина се зголеми на девет, а повеќе од 440 лица се заразени, објавија државните медиуми.

    Пациенти со овој вирус се регистрирани во 13 кинески провинции, откако тој пред нова година првпат се појавил во градот Вухан. Постои голема загриженост дека вирусот би можел да предизвика епидемија бидејќи милиони Кинези овие денови патуваат дома за да ја слават Лунарната нова година.

    Кинеските власти потврдија дека новиот вирус, кој сѐ уште нема име, се пренесува од човек на човек, па на луѓето им се препорачува да носат заштитни маски, но и да не патуваат од и кон Вухан.

    Освен Кина, случаи на заразени се пријавени и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Тајван и Филипини. И САД вчера го регистрираа првиот носител на овој вирус.

    „Земјата сега е во најкритичната фаза на превенција и контрола на болеста. Вирусот би можел да мутира и постои голем ризик од негово натамошно ширење“, објавија кинеските власти.

    Вирусот, чиј точен извор досега не е откриен, важи за нов тип коронавирус кој досега не бил познат кај луѓето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира