Албанија почна со спроведувањето на Национална акција за целосно чистење на земјата. Акцијата почна со чистење на крајбрежјето, а ќе се прошири во сите делови од земјата, со цел да се исчисти сето ѓубре. Планот кој го презентираше премерот Еди Рама е дизајниран да обезбеди не само акција за чистење, туку и изградба на нов систем за управување, финансирање, надзор и соработка со структурите на локалната власт и жителите.
На почетокот на акцијата Рама кажа дека чиста Албанија е врвен приоритет на неговиот трет мандат. Во Националната акција за чистење ќе имаат обврски сите, општините, граѓаните, кафулињата, рестораните и бизнис заедницата.
Како што кажа Рама, Општините нема да смеат да работат ништо друго додека не обезбедат потребни средства за чистење, но и да се воспостават систем за оджржување на чиста животна средина. Се забранува како досега да се депонира отпадот на јавни површини и со тоа да се создаваат диви депонии. Ќе мора да се транспортира само на легални депонии, во спротивно ќе се плаќаат казни.
Во националниот план се вели дека чистењето за градоначалниците треба да биде врвен приоритет и ништо друго не смее да биде поважно од тоа, прво треба да се исчисти општината, па потоа да се реализираат други проекти.
Рестораните и кафулињата нема да смеат да го фрлаат ѓубрето кое го создаваат каде стигнат, туку треба да обезбедат садови за одлагање во рамките на нивните објекти. Тие нема да можат повеќе ѓубрето и остатоците од храна да ги фрлаат во контејнерите за домаќинствата туку во посебни садови за нив и да ги изнесуваат пред објектите во точно одредено време.
За да ги мотивира општините, државата ќе предвиди фонд за награди за оние ои покажале најдобри резулатите. Тоа значи дека ќе им бидат вратени средствата кои ги вложиле во акцијата за чистење и со тоа ќе можат да реализираат и други проекти.