Турција денеска решава на изборите дали ќе му даде нов петгодишен мандат на Реџеп Таип Ердоган, поради што во целата држава стапија на сила и некои строги рестрикции.
Она што особено ќе ги погоди многубројните туристи е што денеска цел ден не смее да се продава алкохол.
Тоа е една од мерките што треба да обезбедат безбедно опкружување за одржување на изборите.
Според правилото, продажба и консумирање на алкохол ќе бидат забранети во периодот од шест до 24 часот и ова се однесува и на продавници, барови и на хотели.
Исто така, забрането е носење оружје на јавно место, цел ден ќе бидат затворени места за јавна забава, а венчавките ќе можат да се одржуваат дури по 18 часот. Медиумите нема да смеат да известуваат ништо за изборите до 18 часот.
Овие избори требаше да се одржат во ноември наредната година, но Ердоган ги свика порано, со цел да си обезбеди нов мандат. Неговиот најсериозен противкандидат е Муарем Инџе од Републиканската народна партија, кој успеа да ја живне деморализираната опозиција, по неуспешниот државен удар во 2016 година.
„Ако Ердоган победи, вашите телефони и натаму ќе се прислушкуваат и стравот ќе продолжи да владее. Ако јас победам, судовите ќе станат независни и ќе ја укинам вонредната состојба во првите 48 часа“, кажа Инџе пред милион луѓе на последниот митинг во Анкара.