Итните поправки во нуклеарната централа „Запорожје“ во јужна Украина што е под руска контрола ќе се извршат за време на ограничен прекин на огнот на локацијата на линијата на фронтот, соопшти во Виена Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Централата има сè помали резерви на дизел гориво и се соочува со можност за целосен прекин на напојувањето со електрична енергија во рок од неколку дена, ако не се обнови надворешното напојување или не се достават дополнителни резерви гориво до локацијата, која се наоѓа во активна воена зона.
Поради прекинот на надворешното напојување со електрична енергија на објектот што е под руска контрола, централата и нејзините системи за ладење би можеле да останат без струја „во рок од неколку дена“, предупреди МААЕ, која посредуваше за прекинот на огнот со завојуваните страни. Мора или да се поправи далноводот или во краток рок да се испорача дизел гориво за генераторите за итни случаи, соопшти агенцијата на платформата Икс.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, изјави дека работите за поправка ќе започнат денеска, по операциите за расчистување на мини. Гроси претходно преговарал за неколку ограничени прекини на огнот заради извршување поправки околу централата.
Најголемата нуклеарна централа во Европа падна под руска контрола набрзо по избувнувањето на војната во Украина во 2022 година. Шесте реактори се исклучени, но на централата ѝ е потребна електрична енергија за ладење на радиоактивниот материјал и за спречување нуклеарна несреќа. Последниот преостанат далновод до централата беше прекинат за време на борбите на 20 август. Оттогаш, таа се потпира на дизел-генератори, но според МААЕ, залихите на гориво се при крај. Пред конфликтот, централата имаше 10 надворешни далноводи.



