Источногерманскиот град Дрезден прогласи вонредна состојба со нацизмот, велејќи дека има сериозен проблем со крајната десница.
Главниот град на Саксонија долго време важи за бастион на крајната десница и е родно место на антиисламското движење Пегида, кое редовно тука одржува маршеви.
Градски советници усвоија резолуција во која се вели дека мора да се стори повеќе против овој проблем.
„‘Нацинотштанд‘ значи дека имаме сериозен проблем. Отвореното демократско општество е загрозено. Мора да се преземе итна акција бидејќи политичарите не се поставуваат доволно против крајната десница. Ова е нашиот обид да го промениме тоа. Исто така, сакам да знам какви луѓе седат во градскиот совет на Дрезден“, изјави градскиот советник Макс Ашенбах.
Резолуцијата признава дека крајнодесничарскиот екстремизам е сѐ поприсутен и бара од градот да им помогне на жртвите на крајнодесничарското насилство и да ги заштити малцинствата.
Една од партиите која ѝ се спротивстави на резолуцијата е владејачката Христијанско-демократска унија, сметајќи дека со неа само се провоцира.