ДВАЈЦА ЛЕКАРИ ВО ПОЛСКА ОДБИЛЕ ДА ЈА ПРЕКИНАТ БРЕМЕНОСТА НА СИЛУВАНО 14-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ, АКТИВИСТКИТЕ БАРААТ ПРОМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА АБОРТУС

    ДВАЈЦА ЛЕКАРИ ВО ПОЛСКА ОДБИЛЕ ДА ЈА ПРЕКИНАТ БРЕМЕНОСТА НА СИЛУВАНО 14-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ, АКТИВИСТКИТЕ БАРААТ ПРОМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА АБОРТУСактивистки за женски права и опозицијата громогласно бараат либерализација на полскиот Закон за абортус, кој речиси и не дозволува прекин на бременост. (Фото: ДВ)

    Двајца лекари одбиле да ja прекинат бременоста кај 14-годишно девојче кое било жртва на силување, што ги разбранува јавноста и политиката во Полска. Девојчето со ментална попреченост од североисточниот дел на Полска било силувано од чичко ѝ поради тоа забременило. Нејзината тетка која ја забележала бременоста, притискала да се изврши абортус.

    Иако девојчето имало и потврда од обвинителство дека е жртва на кривично дело, која што е основа за легален прекин на бременоста, две болници во Подлаското војводство, што се наоѓа во близина на границата со Белорусија, одбиле да го спроведат зафатот. Регионот важи за упориште на десноконзервативната и од 2015 година владеачка Партија на правото и правдата (ПиС).
    Тоа ја поттикна кавгата околу рестриктивните закони за абортус во Полска. Феминистки бараат либерализација, а тврдокорните уште построги казни.

    „Лекарите го образложиле одбивањето да го спроведат зафатот со клаузулата за приговор на совеста”, пишува неделникот „Политика“. Рестриктивниот полски Закон за абортус предвидува дека доктори може да одбијат да направат прекин на бременоста ако чинот е спротивен на нивните верски убедувања. Така било и во овој случај. Одбивањето од болницата било драстично: „Одете си од овде”, им рекле на роднините. „Не знаеме каде да одиме”, рекле девојчето и нејзината тетка. Одговорот од болницата: „Тоа не е наша работа”.

    Но, сепак не е сѐ толку едноставно. Според законските прописи, лекар кој одбива да направи таков зафат мора да наведе друг лекар кој може да ја преземе работата. Клаузулата за совеста е скроена за индивидуи и не важи за целата болница. Но, според весникот „Политика“, таа околност била игнорирана.

    Последен спас, како и во многу други случаи, била Фондацијата за жени и за планирање на семејството Федера и тоа било од најголема итност: „Се ближеше 12-тата недела, моравме брзо да дејствуваме”, изјави неделава првата жена на фондацијата Кристина Кацпура во интервју со весникот „Газета виборча“. „Абортусот беше успешно извршен во Варшава.“

    Активистката не сакаше за медиумите да сподели детали околу девојчето. „Семејството живее во мало место и не сака таа да стане мета на напади”, објасни Кацпура. Наместо тоа, таа ги повика властите да ја проверат ситуацијата во сите болници во регионот. Таа критикуваше дека лекарската професија е станата „политичка” и додаде дека „наместо да се грижи за здравјето на пациентите, докторот се крие зад клаузула за приговор на совеста и зад законот”.

    Во меѓувреме, во дебатата се вклучи и министерот за здравство Адам Нидзилски. „Ужасени сме од овој случај и нашата реакција е недвосмислена”, рече тој пред новинарите во понеделникот. „Однесувањето на докторите е неприфатливо”, додаде тој и најави дека ќе го испита случајот.

    Групи на активистки за женски права и опозицијата повторно громогласно бараат либерализација на полскиот Закон за абортус, кој речиси и не дозволува прекин на бременост. Клаузулата за приговор на совеста, на која многу доктори се повикуваат за да избегнат можно кривично гонење, е „варварска и нечовечна” и мора да биде укината, оцени Катарзина Котула од либералната партија Вјосна. Политичарката Барбара Новацка од левичарската Граѓанска коалиција најави нацрт закон на опозицијата за укинување на клаузулата во полското собрание.

    Уставниот суд на Полска во 2020 година пресуди дека абортирањетона фетуси со тешки абнормалности е противуставно и со тоа го отвори патот за заострување на и онака острите норми за прекин на бременоста. Во моментов, абортусот е легален само во случај кога бременоста е последица на силување, или ако е во опасност животот на мајката. Во праксата ниту овие две околности не се почитуваат секогаш, при што се посочува на верските убедувања. При илегален абортус, на лекарите им се закануваат до три години затвор.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира