Маж и жена загинаа, а четири лица се водат како исчезнати откако се урна станбена зграда по експлозија во туристичка област во центарот на Атина, соопшти денеска грчката противпожарна служба. Експлозијата што се случи вчераутро уништи двокатна зграда во Плака, во близина на некои од најпосетените атински знаменитости, вклучувајќи ги Акропол и Храмот на Зевс, при што беа повредени три лица, а оштетени беа куќи, продавници и автомобили.
Во текот на ноќта, спасувачките екипи го извлекле телото на една жена од урнатините на зградата по експлозија за која постои сомневање дека била предизвикана од истекување на гас. Првичните информации укажуваат дека таа била дел од група од четворица американски туристи кои изнајмиле стан за краток престој на првиот кат од зградата.
Другите туристи од изнајмениот стан на првиот кат сè уште се водат како исчезнати, како и еден постар брачен пар – британски државјанин и Гркинка, на возраст од 78 и 77 години – кои живееле на вториот кат, соопшти државниот радиодифузер ЕРТ. Претходно, спасувачите пронашле женска чанта со лични предмети, два пасоша и договорот за изнајмување на станот. Според извештаите, Американците требало да заминат од аеродромот во Атина во 15:30 часот со лет на „Делта ерлајнс“, но го пропуштиле летот.
Пожарникарите спасиле две жени од соседната зграда, а полицијата соопшти дека и двете биле пренесени во болница. Локалните медиуми и еден жител изјавија дека во експлозијата полесно бил повреден и еден минувач.
Во ноќната потрага биле вклучени триесет пожарникари со шест возила, вклучувајќи две специјални возила за спасување и три кучиња трагачи. Сите активности биле прекинувани во одредени интервали за да им се овозможи на спасувачите да користат специјални геофони за откривање звуци во урнатините. На балконот спроти урнатините биле поставени рефлектори за да се олесни спасувачката операција во текот на ноќта.
Надлежните ја истражуваат причината за експлозијата, при што истекувањето на природен гас е една од главните хипотези што се разгледуваат. На вториот кат имало приклучок за природен гас, а сведоци пријавиле силна миризба на гас пред експлозијата.



