Екстремните климатски настани, вклучувајќи моќни жешки бранови и уништувачки поплави, сега се новото нормално, се вели во извештајот на Светската метеоролошка организација, објавен на почетокот на Самитот за климата во Глазгов, кој ќе трае две недели.
Извештајот за климата за 2021 нагласува дека светот се менува пред нашите очи. Дваесетгодишниот температурен просек е на пат првпат да биде еден Целзисуов степен над прединдустриското ниво, а глобалното ниво на морињата порасна до нови височини во 2021, се вели во извештајот.
Тој истакнува дека изминатите седум години, вклучувајќи ја 2021, веројатно ќе бидат најтоплите откако се прават мерењата, додека стакленичките гасови достигнаа рекордни концентрации во атмосферата. Придружниот пораст на температурите ја турка планетата на непозната територија, се вели во извештајот.
„Екстремните настани се новото нормално. Има големо количество докази дека некои од нив го имаат печатот на климатските промени предизвикани од човекот“, изјави шефот на ВМО, Петери Талас.
Како необични временски настани тој ги издвои досега незабележаните врнежи од дожд на Гренланд, екстремните жешки бранови во Канада и САД, катастрофалните поплави во делови од Европа, сушата во суптропската Јужна Америка и обилните врнежи во делови од Кина.
Друг загрижувачки момент е порастот на нивото на морињата, кој изнесувал 4,4 милиметри годишно во периодот од 2013 до 2021.
„Ако се продолжи со оваа траекторија, нивото на морињата би можело да порасне за два метра до 2100, што ќе доведе до раселување на 630 милиони луѓе“, додаде Талас.