Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека ќе се сретне со Владимир Путин во обид да се постигне договор за прекин на огнот во сириската провинција Идлиб.
„Ќе одам во Москва в четврток за да продискутираме за развојот на ситуацијата во Сирија. Се надевам дека Путин ќе ги преземе неопходните мерки таму, како што е прекин на огнот и дека ќе најдеме решение“, изјави Ердоган.
Тензиите во северозападна Сирија пораснаа откако во сириски воздушен напад минатата недела беа убиени 34 турски војници, на што Анкара возбрати со напади врз сириски цели. Турција, која поддржува бунтовнички групи во Идлиб, испрати илјадници свои војници во оваа провинција, каде што офанзивата на владини сили натера милиони цивили да избегаат кон турската граница од декември.
„Ние не сакаме конфликт со Русија. Нашата единствена цел е да ги спречиме масакрите на сирискиот режим, радикалните групи и раселувањето на населението“, изјави турскиот министер за одбрана Кулуши Акар.
По почнувањето на новата воена операција во Сирија, Турција ја отвори својата граница и покрена нов мигрантски бран кон Европската Унија. Грција кажа дека викендов запрела преку 15.000 бегалци на границата, при што полицијата употребила солзавец за да спречи насилни обиди за влез во земјата.