ЕУ Е ОДГОВОРНА ЗА МИРЕН РАЗВОЈ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ МЕРКЕЛ

    ЕУ Е ОДГОВОРНА ЗА МИРЕН РАЗВОЈ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ МЕРКЕЛНие сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа, рече Меркел; - Од посетата на Македонија на 8 септември 2018. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Убедена сум дека иднината на Западен Балкан лежи во вистински обединетата Европа, рече германската канцеларка Ангела Меркел во видеопорака пред виртуелниот самит од Берлинскиот процес в понеделник, на кој домаќин е Германија, а ќе учествуваат шефовите на држави и влади од Западен Балкан. Меркел рече дека е постигнато многу од почетокот на Берлинскиот процес, лансиран во август 2014 на нејзина иницијатива, за да се даде конкретен придонес кон стабилноста во регионот и мирниот дијалог.

    „Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тоа е дел од Европа, каде раните од војната сè уште не се залечени, а голем број граѓани од таа област живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа“, рече Меркел и додаде дека сè уште има многу предизвици на Западен Балкан, дека недовербата и национализмите не исчезнале, а билатералните спорови можат да се разгорат во секој момент, поради што е неопходно помирување.

    „Тоа значи надминување на минатото и правење на сè што е можно за идните генерации да живеат во мир“, вели Меркел.

    Таа кажа дека Берлинскиот процес веќе постигнал одреден успех, за што го издвои неодамна основаниот Форум за млади, и како што рече, она што долго време се сметаше за невозможно, конечно е можно, а тоа е размена на студенти од различни религии и етникуми.

    „Тоа е практичен придонес кон мирот“, кажа Меркел и истакна дека меѓусебното признавање на дипломите, соработката во науката, како и напредокот во инфраструктурните проекти, води кон зајакнување на прекуграничната размена меѓу жителите од регионот и надминување на предрасудите.

    „Сето ова ги води земјите од Западен Балкан напред кон заедничката цел за исполнување на условите за членство во ЕУ. Убедена сум дека, порано или подоцна, нивната иднина навистина ќе биде во обединета Европа“, рече таа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира