ЕУ ИЗРАЗИ ЖАЛЕЊЕ ОТКАКО СРПСКА НАЦИОНАЛИСТИЧКА ПЕСНА ЗА КОСОВО БЕШЕ ИЗВЕДЕНА НА НАСТАН ВО БРИСЕЛ

    ЕУ ИЗРАЗИ ЖАЛЕЊЕ ОТКАКО СРПСКА НАЦИОНАЛИСТИЧКА ПЕСНА ЗА КОСОВО БЕШЕ ИЗВЕДЕНА НА НАСТАН ВО БРИСЕЛМарта Кос кажа дека песната на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската комисија (Фото: Фејсбук)

    Еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази жалење откако српска националистичка песна беше изведена на концерт на еден настан на ЕУ, што предизвика критики.

    „Жалам за изборот на песната од страна на музичарите. Оваа песна на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската комисија“, изјави Кос.

    Вчера во Брисел се одржа концерт во рамките на Форумот за проширување на ЕУ, на кој присуствуваа претставници на ЕУ и учесници од земји кои сакаат да ѝ се придружат на Унијата, меѓу кои Украина, Молдавија, Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија. Откако Кос им посака добредојде на учесниците, словенечките музичари Марко Хатлак и „Капобанда“ изведоа инструментална верзија на песната „Ој Косово, Косово“, чии стихови велат „Цела Србија плаче: Не те даваме, Косово, ти отсекогаш си наше“.

    „Или намерна провокација или чисто незнаење. Изведувањето на српска националистичка песна во која се наметнуваат претензии за Косово на настанот за проширување на ЕУ е исклучително невкусна грешка“, рече известувачот на Европскиот парламент за Косово, Рихо Терас.

    Косово прогласи независност во 2008, но односите со Србија остануваат напнати. ЕУ вели дека напредокот во нормализирањето на односите со Приштина е од суштинско значење за процесот на пристапување на Србија. Косово аплицираше за членство во ЕУ во декември 2022, но апликацијата заглави бидејќи неколку членки на ЕУ не ја признаваат неговата независност.

    „На отворањето на Форумот за проширување на ЕУ беше изведена српска националистичка песна која ја негира државноста на Косово, напишана кога месарот на Балканот, Милошевиќ, ги укина правата на Косово и го потиснуваше нашиот народ“, додаде главниот преговарач на Косово со ЕУ, Јетон Зулфај.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира