Чешка и Холандија се меѓу земјите кои од денеска ги заоструваат мерките и воведуваат делумни затворања, додека Европа не успева да го скроти остриот пораст на бројот на нови случаи на коронавирус.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе ѝ се обрати на нацијата за да најави дополнителни рестрикции и локалните медиуми јавуваат дека во некои жешки точки, како Париз, би можел да биде воведен и полициски час.
„Болниците во Париз би можеле да ги пополнат креветите на интензивна нега до 90% до крајот на следната недела“, изјави шефот на групата на јавни болници АПХП, Мартин Хирш.
Светската здравствена организација објави дека минатата недела во Европа имало 700.000 нови случаи на коронавирус, што е пораст од 34% во споредба со претходната недела.
Во Чешка до 3 ноември ќе бидат затворени училиштата, баровите и клубовите, додека земјата има најголема стапка на заразени на 100.000 жители во Европа, а во понеделникот починаа 55 лица од ковид-19, најмногу во еден ден досега. Групирањата ќе бидат ограничени на само шест луѓе.
„Мора да признаеме дека ситуацијата во Европа е многу сериозна и загрижувачка“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Холандија, која вчера регистрираше рекордни 7.400 нови случаи на зараза, ги затвора баровите, рестораните и продавниците за марихуана на најмалку четири недели, а продажбата на алкохол ќе биде забранета после 20 часот. Маските во затворени простори ќе бидат задолжителни за сите над 13 години.
„Воведуваме нови и построги мерки и, всушност, влегуваме во делумен карантин. Боли, но ова е единствениот начин. Мора да бидеме построги“, кажа премиерот Марк Руте.