ЕВРОПА ВЧЕРА ГО ИМАШЕ НАЈСМРТОНОСНИОТ ДЕН ОД ПОЈАВАТА НА КОВИД-19, И САД ПРЕД ЦЕЛОСНО ЗАТВОРАЊЕ

    ЕВРОПА ВЧЕРА ГО ИМАШЕ НАЈСМРТОНОСНИОТ ДЕН ОД ПОЈАВАТА НА КОВИД-19, И САД ПРЕД ЦЕЛОСНО ЗАТВОРАЊЕГолем број американски сојузни држави најавија затворање на училишта и ресторани (Фото: АП)

    Европа вчера го имаше најсмртоносниот ден од појавата на коронавирусот откако најголемите жаришта на ширењето на заразата забележаа рекорден број смртни случаи.

    Во Италија починаа 368 луѓе, со што вкупната бројка порасна на 1.809, во Шпанија 97 (вкупно 288), а во Франција 29 (120). Во последните 24 часа починаа и 14 луѓе во Велика Британија, што исто така е најмногу во еден ден досега.

    Владите низ Европа одговорија на пандемијата со низа рестриктивни мерки, што вклучува и затворање на граници.

    Од денеска, Германија воведува гранични контроли со Франција, Швајцарија, Австрија, Данска и Луксембург, додека Португалија ќе ја засили својата граница со Шпанија.

    Светската здравствена организација претходно ја прогласи Европа за нов епицентар на КОВИД-19.

    Ситуацијата не е ништо подобра и во САД, па Њујорк денеска ги затвора сите државни училишта најмалку до 20 април, а од утре и рестораните, баровите и други јавни места.

    „Ова е болна одлука, но моравме да дејствуваме бидејќи нашиот град се соочува со досега невидена закана, па мора да одговориме со менталитет како во време на војна. Вирусот пребрзо се шири и мора да го прекинеме кругот“, изјави градоначалникот Бил ди Бласио.

    Слични мерки ќе бидат на сила и во Лос Анџелес, Лас Вегас и Чикаго. Здравствените власти препорачаа забрана на сите собири со повеќе од 50 луѓе низ целата земја.

    Во САД досега има 3.774 заразени и 69 починати.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира