Големо мнозинство европски земји се подготвени да водат разговори со Русија за клучните безбедносни прашања, но откако ќе заврши војната во Украина, според декларацијата потпишана од 39 држави на европскиот самит во Даблин. Бугарија беше единствената членка на ЕУ што не ја потпиша.
Декларацијата, иницирана од Франција, ги поддржува дискусиите за мерките за управување и намалување на безбедносните ризици, но вели дека тие би можеле да се случат само откако ќе се исполнат потребните услови и ќе се воспостави мир. Ваквите дискусии би можеле да опфатат воени ризици и хибридни закани, вклучувајќи саботажи и дезинформациски кампањи.
Русија претходно повика на ограничувања на присуството на НАТО во близина на нејзините граници.
„Декларација за клучните принципи на европската безбедност“ нагласува дека одлуките за Украина мора да ја вклучат Украина, а оние за безбедноста на Европа мора да ги вклучат Европејците. Истовремено се повикува на цврсти и веродостојни безбедносни гаранции за Украина.
Декларацијата следи по загриженоста дека Вашингтон би можел директно да разговара со Русија за нова европска безбедносна рамка, без вклучување на Европа. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, ја критикуваше Европа за неподготвеноста да разговара за идниот безбедносен систем.
Ерменија, Азербејџан, БиХ и Швајцарија исто така не ја потпишаа декларацијата.
По разговорите со американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф во Москва, Владимир Путин се согласи европски претставници да се приклучат на следната рунда мировни преговори за Украина, но порача дека САД мора да соработуваат со своите европски сојузници за да утврдат дали тие сакаат мир или војна.
Лидерите на ЕУ се собраа на самит во Даблин, каде што денеска ќе продолжат да дискутираат кој треба да ги претставува во разговорите за иднината на Украина. Володимир Зеленски, кој вчера во Даблин се сретна со околу 50 европски лидери, предупреди дека Русија се обидува да ја преобликува безбедносната архитектура на Европа и инсистираше дека европските влади мора да имаат глас во преговорите.



