ФБИ ОТКРИ ДЕКА ИРА ПЛАНИРАЛА АТЕНТАТ ВРЗ КРАЛИЦАТА ЕЛИЗАБЕТА ПРИ ПОСЕТАТА НА САД ВО 1983

    ФБИ ОТКРИ ДЕКА ИРА ПЛАНИРАЛА АТЕНТАТ ВРЗ КРАЛИЦАТА ЕЛИЗАБЕТА ПРИ ПОСЕТАТА НА САД ВО 1983Кралицата Елизабета Втора и претседателот Роналд Реган на банкет во Сан Франциско во 1983 година (Фото: Гети)

    Кралицата Елизабета Втора се соочила со потенцијална закана за атентат за време на посетата на САД во 1983 година, покажуваат новообјавените документи на Федералното биро за истраги на САД (ФБИ). ФБИ објави датотеки поврзани со патувањата на покојната кралица во САД, по нејзината смрт минатата година. Тие покажуваат дека во ФБИ, кое помогна да се осигура безбедноста на краицата при нејзините посети, биле загрижени за заканите од Ирската републиканска армија (ИРА). Заканата за атентат била упатена до полицаец во Сан Франциско.

    Според досието, полицаец кој често бил во ирски паб во Сан Франциско ги предупредил федералните агенти за повикот од човек што го сретнал на местото. Полицаецот рекол дека човекот му кажал оти бара одмазда за неговата ќерка која „била убиена во Северна Ирска со гумен куршум“. Заканата била на 4 февруари 1983 година – околу еден месец пред посетата на кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг принцот Филип на Калифорнија.

    „Тој ќе се обиде да ѝ наштети на кралицата Елизабета и ќе го стори тоа или со фрлање некој предмет од мостот Голден Гејт на кралската јахта ‘Британија’ кога ќе плови под него, или ќе се обиде да ја убие кралицата Елизабета кога таа го посети националниот парк Јосемит“, се вели во документот.

    Како одговор на заканата, Тајната служба планирала „да ги затвори патеките на мостот Голден Гејт додека се приближува јахтата“. Не е јасно какви мерки се преземени во Јосемит, но посетата продолжила. ФБИ не објави детали за апсењата. Документот од 102 страници е поставен на Волт (Vault), информативната веб-страница на ФБИ, во понеделникот, по барањето од Законот за слобода на информации поднесено од американските медиуми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира