Поранешна менаџерка во „Фејсбук“ сведочеше во американскиот Сенат дека сајтовите и апликациите на компанијата им штетат на децата, поттикнуваат поделби и ја ослабнуваат демократијата. Триесет и седумгодишната Френсис Хауген, бивша менаџерка за производи која стана свиркач, жестоко ја критикуваше компанијата пред пратениците и кажа дека во изминатите недели споделила бројни интерни документи на „Фејсбук“ со „Вол стрит џурнал“ и други медиуми. Еден од тие документи покажува резултати од интерно истражување дека Инстаграм е штетен за менталното здравје на тинејџерките.
„Водството на компанијата знае како да ги направи Фејсбук и Инстаграм побезбедни, но не ги прави неопходните измени зашто го става својот астрономски профит пред луѓето“, изјави Хауген.
Таа го критикуваше Марк Закерберг дека има широка контрола и дека во моментов не одговара пред никого.
„Вчера ‘Фејсбук‘ го снема на неколку часа. Не знам како се случи тоа, но за тие пет часа ‘Фејсбук‘ не правеше поделби, не дестабилизираше демократии и не правеше девојки и жени да се чувствуваат лошо поради своите тела. Се додека ‘Фејсбук‘ работи во сенка и ги крие своите истражувања, тој не може да се смета за одговорен“, кажа Хауген, повикувајќи ги сенаторите веднаш да дејствуваат.
Закерберг се огласи со писмо неколку часа подоцна и кажа дека обвинувањата се во спротивност со целите на компанијата. Тој смета дека медиумската покриеност во изминатите недели создала лажна слика за компанијата.
„Повеќето од тврдењата на Хауген немаат смисла, особено дека намерно, заради профит, форсираме содржини што ги прават луѓето лути и депресивни. Ние длабоко се грижиме за прашањата како безбедност, благосостојба и ментално здравје“, напиша Закерберг.