Франција и Велика Британија го обновија железничкиот, воздушниот и морскиот сообраќај откако француската влада се согласи да ги олесни рестрикциите за патувањата воведени поради појавата на нов сој на коронавирус.
Војската им се придружи на медицинските лица во правењето брзи тестови за илјадници камионџии, кои два дена останаа заглавени во англиското пристаниште Довер, зашто не им беше дозволен влез во Франција.
Освен Франција, и Холандија и Белгија ја олеснија забраната за патувања од Велика Британија, при што бараат негативен тест за коронавирус за влез во земјата.
Повеќе од 50 држави од цел свет, вклучувајќи ги Германија, Италија, Индија и Пакистан, и натаму ги забрануваат летовите од Велика Британија. Европската комисија вчера побара од членките на Унијата да ја укинат забраната. но да се избегнуваат несуштински патувања.
Евротунелот, кој ги поврзува Британија и Франција под Ламанш, утрово повторно беше отворен за сообраќај. Ова е клучна трговска маршрута што дневно ја поминуваат околу 10.000 камиони. На оние што поминуваат низ него им се прават брзи тестови за коронавирус, кои даваат резултати за половина час.