Контроверзниот француски доктор Дидие Раул, кој е најголем пропонент на лекувањето на КОВИД-19 со антималарикот хидроксихлорокин и азитромицин (Сумамед н.з.), објави нова студија за терапијата, најголема досега. Студијата, направена на 1.061 пациент со КОВИД-19, е реализирана во неговата матична болница „ИХУ Медитеран“ во Марсеј, и според објавеното, добар исход од терапијата имале 973 пациенти (91,7%), лош исход имале 46 пациенти (4,3%), на интензивна нега завршиле 10 пациенти (0,94%) и 5 пациенти (74-95 години) починале (0,47%).
На пациентите им се давала комбинацијата хидроксихлорокин/азитромицин најмалку три дена и потоа биле следени најмалку 9 дена.
„Комбинацијата на хидроксихлорокин и азитромицин, кога ќе почне да се дава веднаш по дијагнозата, е безбедна и ефикасна за лекување на КОВИД-19, со стапка на смртност од 0,5% кај постари пациенти. Со терапијата се избегнува влошување на состојбата и се чисти вирусот и заразноста во најголем дел од случаите“, велат авторите на студијата.
Засега не е познато кога е биде објавена целосната студија.
Методите на Раул повторно привлекоа внимание откако францускиот претседател Емануел Макрон го посети професорот во четвртокот. Раул се сретна со Макрон во неговата болница за инфективни болести во Марсеј, а посетата не беше најавена. Средбата траела три и пол часа и медиумите немаа пристап.
Наодите на Раул ја поделија јавноста во Франција, некои го нарекуваат спасител, а други измамник. Од кабинетот на Макрон кажаа дека претседателот планира да се консултира со широк спектар на мислења пред неговото трето обраќање до нацијата, закажано за утре.