Франција од петок, а Германија од понеделник влегуваат во делумен национален карантин, во обид да се сопре ширењето на коронавирусот и да се растоварат болничките капацитети, бидејќи одделите за интензивна нега забрзано се полнат.
Ова следува откако Германија вчера регистрираше рекордна бројка од 15.000 нови случаи на коронавирус, додека дневната смртност од ковид-19 во Франција е највисока од април. Ангела Меркел и Емануел Макрон предупредија дека двете земји се соочуваат со тежок втор бран и дека мора веднаш да се дејствува за да се избегнат посериозни последици.
Карантинот во Германија ќе трае цел ноември, а условите ги прифатиле сите 16 лидери на сојузните покраини:
- Баровите се затвораат, а рестораните ќе работат само со нарачки
- Се затвораат салоните за тетовирање и масажа, теретаните и базените
- Нема да работат ни културните установи, како кината и театрите
- Училиштата и градинките остануваат отворени, исто како и продавниците
- Социјалните контакти се ограничуваат на две домаќинства со максимум десет луѓе, додека ноќевање во хотел се забранува , освен ако не е неопходно, домашниот туризам запира
- Собирите во приватните домови треба да се избегнуваат.
Макрон кажа дека карантинот во Франција ќе трае најмалку до 1 декември и премиерот Кастекс вечерва ќе ги изнесе деталите, но тој ќе подразбира:
- Се затвораат сите несуштински бизниси, како ресторани и барови
- Училиштата, фабриките и градилиштата продолжуваат со работа
- Излегувањето од дома ќе биде дозволено само од неколку причини, како работа, посета на лекар, неопходно пазарување и едночасовна рекреација, за што ќе мора да се пополни формулар
- Јавните собири се забранети.