Германија се очекува да одржи вонредни избори на 23 февруари, откако парламентарните групи на владејачките Социјалдемокарти и Зелени и опозициските конзервативци денеска постигнале договор. Датумот мора официјално да се потврди од претседателот Франк-Валтер Штајнмајер, но тоа се смета за формалност.
Германија е во политичка криза откако владејачката коалиција практички се распадна минатата недела по излегувањето на партијата Слободни демократи од владата. Тоа беше поттикнато од смената на министерот за финансии Кристијан Линднер кој со месеци водеше спор со Шолц околу дупката во националниот буџет.
Канцеларот Олаф Шолц тогаш објави дека гласање за доверба на владата во парламентот ќе се одржи на 15 јануари, со цел да има вонредни избори во март.
Шолц утре ќе се обрати во парламентот, кога би требало да каже кога ќе се свика гласање за доверба на владата. Се верува дека тоа би можело да се случи на 18 декември.