Германската фармацевтска компанија „БиоНТек“, која стана глобално важна по раната вакцина против коронавирус, го зајакна својот развој на лекови за рак со тоа што ќе ја купи кинеската компанија „Биотеус“. Групацијата со седиште во Мајнц соопшти дека ќе плати до 950 милиони долари, вклучително и претплата од 800 милиони долари. Преземањето на кинеската компанија со околу 300 вработени се очекува да заврши во првиот квартал на 2025 година.
Со купувањето, „БиоНТек“ ќе обезбеди целосни светски права на кандидатот за лек за рак наречен БНТ327, кој веќе е во напредна фаза на клинички развој. Според „БиоНТек“, резултатите од клиничките испитувања на лекот кај повеќе од 700 пациенти третирани од различни типови тумори се охрабрувачки. Коосновачот на „БиоНТек“, Угур Сахин, рече дека компанијата верува оти активната состојка има потенцијал да постави нов стандард на третман кај одредени видови рак. Неколку студии со активната состојка, на пример за третман на рак на белите дробови и дојка, треба да започнат оваа и следната година.
Купувањето му обезбедува на „БиоНТек“ и центар за истражување и развој и производствен капацитет во Кина. „БиоНТек“ се стреми кон првото одобрување на пазарот за лекот за рак во 2026.