Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ ќе остане во Австралија најмалку до понеделник откако неговите адвокати во последен момент вложиле жалба во федерален суд за да се спречи федералната влада да го депортира пред почетокот на Отвореното првенство на Австралија. Првото сослушување ќе се одржи онлајн денеска и следува откако на Ѓоковиќ вчера по повеќечасовна драма на аеродромот во Мелбурн не му беше дозволен влез во Австралија поради проблеми со визата.
Ѓоковиќ е сместен во имиграциски притвор во хотелот „Парк“ во Карлтон и од министерството за имиграција кажаа дека не се противат на негово привремено останување во Австралија. Судијата го одложи главното сослушување за понеделник, една недела пред почетокот на Австралија опен, откако вчера не примил никакви пишани документи од адвокатите на Ѓоковиќ.
Организаторите на Австралија опен му дозволија на Ѓоковиќ да учествува иако не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во земјата. Тој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето, но министерот за здравство Грег Хант кажа дека не успеал да го поткрепи со добар доказ.
Ѓоковиќ слета во Мелбурн вчера пред полноќ по локално време и потоа со часови беше држан на аеродромот поради погрешно пополнето барање за виза, при што му беше одземен мобилниот телефон.
„Се разбира дека не ми се допаѓа ова што се случува и жал ми е за него. Во исто време, тој ги знаеше условите пред многу месеци и сам ги донесе одлуките“, изјави Рафаел Надал.