ГРАДИМЕ ПАТ КОН ВСЕЛЕНАТА ЗА ДА ГИ РЕШИМЕ ПРОБЛЕМИТЕ НА ЗЕМЈАТА, КАЖА ЏЕФ БЕЗОС ПО ДЕНЕШНИОТ ПРВ ЛЕТ

    ГРАДИМЕ ПАТ КОН ВСЕЛЕНАТА ЗА ДА ГИ РЕШИМЕ ПРОБЛЕМИТЕ НА ЗЕМЈАТА, КАЖА ЏЕФ БЕЗОС ПО ДЕНЕШНИОТ ПРВ ЛЕТБезос беше еден од четворицата патници на летот што траеше десет минути (Фото: Блу Ориџин)

    Џеф Безос изјави дека неговата компанија „Блу Ориџин“ планира уште два патнички лета во вселената оваа година откако неговата ракета „Њу Шепард“ попладнево се искачи 107 километри над површината на Земјата и по десет минути успешно се спушти. Најбогатиот човек на светот беше еден од четворицата патници, што уследи 11 години откако тој ја основа „Блу Ориџин“, со цел да го промовира вселенскиот туризам.

    „Моите очекувања беа големи, но тие беа драматично надминати“, призна Безос по спуштањето.

    Тој изјави дека планира да изгради флота ракети што ќе можат да се користат најмалку 100 пати.

    „Градиме пат кон вселената со цел нашите деца и нивните деца да можат да изградат иднина. Мора да го направиме тоа за да ги решиме проблемите на Земјата“, изјави Безос.

    Покрај основачот на „Амазон“ и неговиот брат Марк, на летот беа и 82-годишната Воли Фанк и 18-годишниот Оливер Даемен, кои со тоа станаа највозрасниот и најмладиот патник во вселената досега. Тие не влегоа во Земјината орбита, но сепак имаа можност да искусат микрогравитација, слична на онаа на Меѓународната вселенска станица.

    „Долго време го чекав ова. Беше одлично. Ми се допадна, едвај чекам да одам повторно“, изјави Фанк, која во 1960-ите одработила целосен астронаутски тренинг на НАСА, но никогаш не добила шанса да лета во вселената.

    „Њу Шепард“ постигна брзина од 3.595 километри на час и ја надмина линијата „Калман“, која ја означува границата меѓу Земјината атмосфера и вселената. Безос кажа дека веќе се платени речиси 100 милиони долари за седиште на следните летови на „Блу Ориџин“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира