ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА ПАРИЗ АН ИДАЛГО ПЛИВАШЕ ВО СЕНА ЗА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ВОДАТА Е ЧИСТА ЗА ОЛИМПИЈАДАТА

    ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА ПАРИЗ АН ИДАЛГО ПЛИВАШЕ ВО СЕНА ЗА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ВОДАТА Е ЧИСТА ЗА ОЛИМПИЈАДАТА„Сена е извонредна“, рече Идалго од водата за „планот за пливање“ на градот што беше лансиран во 2015. (Фото: АП)

    Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, денеска се капеше во реката Сена, исполнувајќи го ветувањето да покаже дека долго време загадената река е доволно чиста за да биде домаќин на пливачки натпревари на Олимпијадата 2024, како и дел од церемонијата на отворање што ќе биде за девет дена. Дневните тестови за квалитетот на водата на почетокот на јуни покажаа небезбедни нивоа на бактерии ешерихија коли, но оттогаш има подобрувања.

    Облечена во нуркачки костим и очила, Идалго скокна во реката во близина на импресивното Градско собрание каде е нејзината канцеларија и катедралата Нотр Дам. Шефиот на Париз 2024, Тони Естанге, и највисокиот владин функционер за парискиот регион, Марк Гијом, ѝ се придружија, заедно со пливачите од локалните пливачки клубови.

    „Сена е извонредна“, рече Идалго од водата. Откако излезе, таа продолжила со фалбите: „Водата е многу, многу добра. Малку ладна, но не толку лошо.“ Таа рече и дека денешниот ден е „сон“ и „сведоштво дека сме постигнале многу работа“, повикувајќи се на „планот за пливање“ на градот што беше лансиран во 2015.

    Тие пливаа по реката околу 100 метри, пливајќи краул и градно.

    „После дваесет години спортување во реката, восхитувачки ми е што се обидуваме да ја исчистиме“, рече Естанге, кој има три златни олимписки медали во кану.

    Ова е дел од пошироките напори да се прикаже подобрената чистота на реката пред Летните олимписки игри кои ќе започнат на 26 јули со раскошна церемонија на отворено, која вклучува парада на спортисти на бродови на Сена.

    Пливањето во Сена е забрането повеќе од еден век. Од 2015, организаторите инвестираа 1,5 милијарди долари за да ја подготват Сена за Олимпијадата и да обезбедат парижаните да имаат почиста река по Игрите. Планот вклучуваше изградба на огромен подземен базен за складирање на вода во центарот на Париз, реновирање на канализационата инфраструктура и надградба на пречистителни станици.

    Првично планирано за јуни, пливањето на Идалго беше одложено поради предвремените парламентарни избори во Франција. На првичниот датум, хаштагот „jechiedanslaSeine“ („Јас какам во Сена“) стана тренд на социјалните мрежи бидејќи некои се заканија дека ќе протестираат против Олимпијадата вршејќи нужда по текот на реката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира