Грчката влада ќе ги прошири строгите рестриктивни мерки на уште три регионални единици, вклучувајќи го и Солун. Премиерот Кирјакос Мицотакис утре ќе објави нов акциски план, што треба да помогне да се стави под контрола последното ширење на коронавирусот.
Ова предвидува локализирано затворање на Солун, Лариса и Родопи, откако тоа денеска беше воведено и во Серес и Јанина.
„Како што брзо реагиравме во првата фаза, сега мора повторно да преземеме построги мерки за да се спречи најлошото, да спасиме животи и да го олесниме притисокот врз здравствениот систем“, кажа Мицотакис.
Тој додаде дека планот ќе биде на сила еден месец и предвидува задолжително носење маска на отворено и во затворено и општа забрана за движење во ноќните часови. Сите собири на јавни и приватни простори се забрануваат, но продавниците и училиштата ќе останат отворени.
Во Грција вчера имаше 1.547 нови случаи на коронавирус, најмногу во еден ден досега.