ГРУПИ МИГРАНТИ ЈА УРНАЛЕ ОГРАДАТА И ВЛЕГЛЕ ВО ПОЛСКА, ПРЕМИЕРОТ МОРАВЈЕЦКИ ГО ОБВИНИ ПУТИН ЗА КРИЗАТА

    ГРУПИ МИГРАНТИ ЈА УРНАЛЕ ОГРАДАТА И ВЛЕГЛЕ ВО ПОЛСКА, ПРЕМИЕРОТ МОРАВЈЕЦКИ ГО ОБВИНИ ПУТИН ЗА КРИЗАТАМигрантите кампуваат на белоруска територија во смрзнувачки услови (Фото: Би-Би-Си)

    Две големи групи мигранти успеале да се пробијат преку границата и да влезат од Белорусија во Полска, каде што ситуацијата веќе неколку дена е тензична и се стравува од пожестока ескалација. Како што објави полската новинска агенција ПАП, неколку десетици мигранти ги уништиле оградите покрај селата Кринки и Бјаловјеза и ја поминале границата.

    Локална радио-станица ја цитираше портпаролката на граничните сили, која кажа дека оградите во двата случаја биле насилно урнати.

    „Дел од мигрантите се вратени во Белорусија, но некои успеале да избегаат“, изјави таа.

    Најмалку 2.000 мигранти се заглавени на границата во смрзнувачки услови, додека Полска одбива да им дозволи влез. Премиерот Матеуш Моравјецки го обвини Владимир Путин дека стои зад мигрантската криза.

    „Александер Лукашенко управува со кризата, но нејзиниот мозок е во Москва. Тие се обидуваат да ја дестабилизираат Европската Унија. Ова е првпат во последните 30 години полската граница да е нападната вака брутално“, изјави Моравјецки.

    Лукашенко негира дека ги пропушта мигрантите до границата како одмазда за санкциите од ЕУ, додавајќи дека нивната цел не е Полска, туку Германија. Повеќето од мигрантите се млади мажи, но има и жени и деца, главно од Блиски Исток и Азија. Тие кампуваат на белоруска територија, заглавени меѓу полските и белоруските безбедносни сили.

    Полска распореди илјадници војници во регионот и предупреди на можна вооружена ескалација на кризата, стравувајќи дека Белорусија би можела да испровоцира инциденти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира