До два милиона дози од руската вакцина „спутник“ може да стигнат Хрватска во следните недели, објави порталот ИНДЕКС.ХР. Сè е договорено со руската страна во дипломатските разговори, а сега остануваат само регулаторните фактори кои треба да бидат исполнети за руската вакцина да биде увезена во Хрватска, потврдил за Индекс висок владин извор.
Деталите за соработката со Русија денеска ги договорил министерот за здравство Вили Берош со рускиот амбасадор. Русија е целосно отворена за соработка, но сега Хрватска треба да ги реши регулаторните проблеми што се услов „спутник“ да се увезе во Хрватска. Според неофицијални информации на Индекс, Хрватска нема да чека одобрување на руската вакцина од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Бидејќи ЕМА се очекува да донесе одлука во април, Хрватската агенција за лекови (ХАЛМЕД) ќе донесе одлука за одобрување на „спутник“ што е можно поскоро, уште оваа недела. За да пристигне вакцината во Хрватска, ХАЛМЕД мора да одобри итен увоз. Тоа може да го стори под одредени услови. Услов за увоз на руската вакцина е да нема сериозни несакани ефекти, односно да е безбедна, но и да нема ништо слично на пазарот. Иако на пазарот има слични вакцини, ги нема доволно. Ова треба да биде главниот аргумент за интервентниот увоз на „спутник“ во Хрватска. Според Индекс, епидемиолозите предложиле увоз на еден до два милиона дози руска вакцина, но точната сума допрва треба да се дефинира, ако се исполнети процедуралните фактори за увоз на „спутник“ во Хрватска.
Унгарија е единствената земја од ЕУ која веќе вакцинира со руска вакцина против ковид-19, откако ја одобри минатиот месец.
„Не знам дали методот што го користи Унгарија е доволно безбеден. Тие прибегнаа кон привремена употреба на неодобрена вакцина, што значи дека постои можност за развој на одредени несакани ефекти. Постојат се повеќе докази дека е ефикасна, но треба да почекаме и да се утврди дали е безбедна. Би било оптимално ЕМА да одобри употреба. Рускиот амбасадор ми рече дека дозволата на ЕМА може да се очекува на почетокот на април, но тој ќе ме информира“, изјави министерот Берош.