По Велика Британија и Израел, и Европската Унија објави дека планира да го суспендира авионскиот сообраќај со југот на Африка поради појавата на новиот сој на коронавирусот во Јужна Африка, додека самата веќе се бори со значителен пораст на бројот на заразени.
„Последната работа што ни треба е нова варијанта која ќе предизвика уште повеќе проблеми“, изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи запирање на авионските летови од и кон југот на Африка со цел да се заштити Унијата од новиот сој. Одлуката треба да биде усвоена вечерва.
Научниците сѐ уште не знаат многу за новата варијанта, која првпат беше идентификувана во почетокот на оваа недела во една провинција во Јужна Африка. Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија кажа дека варијантата наречена Б.1.1.529 има шилест протеин кој драматично се разликува од оној во оригиналниот коронавирус врз кој се засновани постојните вакцини против ковид-19. Според научниците, она што најмногу загрижува кај него е големиот број мутации, поради што брзо се шири меѓу младата популација во најнаселената провинција во Јужна Африка, Гаутенг.
Светската здравствена организација ќе се состане денеска за да ја процени новата варијанта.