И ПОКРАЈ СÈ, САКАМ ДА ОСТАНАМ ВО АВСТРАЛИЈА И ДА ИГРАМ ТЕНИС, КАЖА ЃОКОВИЌ ПО ИЗЛЕГУВАЊЕТО ОД ПРИТВОРОТ

    И ПОКРАЈ СÈ, САКАМ ДА ОСТАНАМ ВО АВСТРАЛИЈА И ДА ИГРАМ ТЕНИС, КАЖА ЃОКОВИЌ ПО ИЗЛЕГУВАЊЕТО ОД ПРИТВОРОТЃоковиќ се огласи за првпат откако во средата беше притворен (Фото: Твитер)

    Новак Ѓоковиќ продолжил да тренира набргу откако денеска беше пуштен од имиграцискиот притвор во Мелбурн, што уследи по одлуката на федералниот суд да му се врати визата за влез во Австралија, изјави неговиот брат Ѓорѓе на прес-конференцијата во Белград.

    „Новак е слободен и пред малку тренираше на тениски терен. Тој дојде во Австралија за да игра тенис и да се обиде уште еднаш да го освои Австралија опен“, кажа Ѓорѓе Ѓоковиќ.

    Ѓоковиќ се огласи на Твитер за првпат откако во средата беше притворен по поништувањето на визата.

    „И покрај сè што се случи, сакам да останам и да се натпреварувам на Австралија опен, Останувам фокусиран на тоа. Дојдов овдека да играм на еден од најважните настани за нас пред неверојатните фанови“, напиша тој.

    Сепак, конечниот збор околу (не)останувањето на најдобриот светски тенисер во Австралија го има министерот за имиграција Алекс Хок, кој располага со исклучителни овластувања и дискреција да поништува визи од кои било причини. Од неговиот кабинет кажаа дека тој ја разгледува ситуацијата, но одлуката за евентуалната депортација нема да биде донесена денеска.

    „Ова е најголемата победа во неговата кариера, ова е поголемо од кој било гренд слем. Тој не сторил ништо погрешно, не прекршил ниеден закон, тој беше предмет на вознемирување. Се бореше против системот и владата зашто имаше право да биде таму“, изјави мајката на Ѓоковиќ, Дијана.

    Родителите на Ѓоковиќ кажаа дека нивниот син бил мачен.

    „На Новак му беа одземени човекови права. Не му беше дозволено да контактира со пријатели, неговиот тим, дури и со адвокатите“, кажа таткото на Ѓоковиќ, Срѓан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира