ИЛЈАДНИЦИ ЌЕ УМРАТ ВО ГАЗА ОТИ БОЛНИЦИТЕ СЕ ПРЕПОЛНИ, НЕМА ГОРИВО НИ ЛЕКОВИ, АЛАРМИРААТ ЛЕКАРИТЕ

    ИЛЈАДНИЦИ ЌЕ УМРАТ ВО ГАЗА ОТИ БОЛНИЦИТЕ СЕ ПРЕПОЛНИ, НЕМА ГОРИВО НИ ЛЕКОВИ, АЛАРМИРААТ ЛЕКАРИТЕВо една од болниците, собите за интензивна нега се преполни со ранети пациенти, повеќето од нив деца на возраст под 3 години. (Фото: АП)

    Лекарите во Газа денеска предупредија дека илјадници би можеле да умрат, бидејќи болниците преполни со ранети луѓе снемале гориво и основни залихи. Палестинците во опколената крајбрежна енклава се мачеа да најдат храна, вода и засолништа пред очекуваната израелска копнена офанзива во војната предизвикана од смртоносниот напад на Хамас минатата недела. Болниците во Газа се очекува да останат без гориво за генераторите во рок од два дена, што ќе ги загрози животите на илјадници пациенти, според ОН. Единствената централа за струја во Газа беше затворена поради недостиг на гориво, откако Израел целосно блокираше територијата долга 40 киломери по нападот на Хамас.

    Во болницата Насер, во јужниот град Кан Јунис, собите за интензивна нега се преполни со ранети пациенти, повеќето од нив деца на возраст под 3 години. Стотици луѓе со тешки повреди од експлозијата дојдоа во болницата, каде што се очекува утре да се потроши горивото, рече д-р Мохамед Кандил, консултант во комплексот за критична нега.

    Во Одделот за интензивна нега има 35 пациенти на кои им треба респиратор, а уште 60 се на дијализа. Ако се потроши горивото, „тоа значи дека целиот здравствен систем ќе биде исклучен“, рече тој, а во позадина се слушаа крици од болка на деца. „Сите овие пациенти се во животна опасност ако се исклучи струјата“.

    Д-р Хусам Абу Сафија, шеф на педијатрија во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, рече дека болницата не се евакуирала и покрај израелските наредби. Има седум новороденчиња во Одделот за интензивна нега приклучени на респиратори, рече тој. „Не можеме да се евакуираме, тоа би значело смрт за нив и за другите пациенти под наша грижа“. Пациентите постојано пристигнуваат со отсечени екстремитети, тешки изгореници и други опасни по живот повреди. „Застрашувачки е“, рече тој.

    Болницата Шифа во градот Газа, најголемата на територијата, соопшти дека ќе закопа 100 тела во масовна гробница како итна мерка откако нејзината мртовечница се преполни, при што роднините не можеа да ги закопаат најблиските. Десетици илјади луѓе кои бараат засолниште се собраа во комплексот на болницата.

    Израел вети дека ќе ја уништи милитантната група Хамас откако нејзините борци дивееја низ израелските погранични градови, пукаа во мажи, жени и деца и зедоа заложници, при што загинаа 1.300 луѓе, што е најлошиот напад врз цивили во историјата на земјата. Властите во Газа соопштија дека досега во израелските омбардирања се убиени над 2.300 луѓе, од кои четвртина се деца, а речиси 10.000 се ранети. Палестинското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа во Газа биле убиени 300 луѓе, главно деца и жени, а уште 800 се повредени. Спасувачите очајнички бараа преживеани од ноќните воздушни напади. Се смета дека еден милион луѓе ги напуштиле своите домови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира