Илјадници луѓе се собираат денеска во Белград за големиот протест, насловен „На 15-ти за 15-те“, закажан за 16 часот пред Народното собрание, а бина ќе биде поставена и на локација кај Славија. Студенти и граѓани од Нов Белград претпладнево тргнаа кон Собранието, а натаму се слеваат граѓани и од другите белградски општини. Огромна колона возила од разни градови во Србија од изутринава е упатенa кон Белград. Околу 16 часот, студентите ги повикуваа граѓаните кои доаѓаат на протестот да дојдат на Славија, бидејќи веќе не може да се приближат до Собранието.
Студентите кои синоќа од разни правци пристигнаа во Белград со велосипеди, пеш, или со превоз, беа пречекани од илјадници граѓани на Теразије. МВР соопшти дека при пречекот биле уапсени две лица поради нарушување на јавниот ред и мир, а оштетени се и поголем број трактори во паркот во кој кампираат контрадемонстрантите што се претставуваат како „студенти што сакаат да учат“.
Пред Општина Нов Белград се собраа голем број граѓани, не само од Белград, туку и од другите градови. Ним по 11:00 часот им се придружија студенти, земјоделци и граѓани кои претходно се собраа во Земун. Студентите на факултетите во Вождовац со блокада оддадоа почит со 15 минути молк за загинатите при падот на надвозникот на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември лани. Блокадата траеше до 13 часот, а студентите потоа се упатија кон Собранието. Кон Собранието се упатија и ветераните од 63-та падобранска бригада за да обезбедат заштита на студентите.
Јавниот превоз во Белград беше во прекин нешто по 9 часот, како што беше кажано, од безбедносни причини.
Претседателот Александар Вучиќ вчера рече дека побарал од полицијата да покаже воздржаност, но да ги приведе предизвикувачите на проблеми.
„Државата ќе стори сé за да обезбеди мир. Оние кои го загрозуваат мирот ќе бидат уапсени“, рече тој на прес-конференција за собирите за кои се очекува да бидат најголеми во последните децении.
Претходно, премиерот во заминување Милош Вучевиќ рече дека полицијата ќе интервенира во случај на насилство.
Речиси секојдневните студентски протести започнаа во декември по смртта на 15 лица кога на 1 ноември се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, катастрофа за која јавноста ја обвинува корупцијата на власта на Вучиќ. Во декември минатата година, студентите издадоа листа со барања меѓу кои се и објавување на документи поврзани со катастрофата на железничката станица и одговорност за одговорните. Обвинителството обвини 13 лица за катастрофата, а владата најави антикорупциска кампања. Оставки поднесоа и Вучевиќ и двајца министри.
Меѓу загинатите во Нови Сад беше и еден македонски граѓанин.