ИРАН ИМ ПОНУДИ ДОГОВОР НА САД ЗА ПОВТОРНО ОТВОРАЊЕ НА ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ ВО РОК ОД СЕДУМ ДЕНА

    ИРАН ИМ ПОНУДИ ДОГОВОР НА САД ЗА ПОВТОРНО ОТВОРАЊЕ НА ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ ВО РОК ОД СЕДУМ ДЕНАИако САД сè уште немаат дадено официјален одговор на предлогот, весникот „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски функционери, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп го отфрлил договорот. (Фото: АП)

    Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека неговата земја им предложила договор на САД со кој би се овозможило повторно отворање на Ормускиот Теснец во рок од една недела. Аракчи им рече на новинарите во седиштето на ОН во Њујорк дека тоа би можело да се постигне „доколку се исполнат неопходните услови“ и оти тие услови се содржани во Меморандумот за разбирање потпишан во јуни.

    „Изборот сега е на САД“, рече тој, додавајќи дека планот бил доставен до САД преку Катар.

    Прашан за иранската понуда, американски функционер изјави дека се водат позитивни разговори преку посредници, вклучително и за прашања поврзани со нуклеарната програма. Иако САД сè уште немаат дадено официјален одговор на предлогот, весникот „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски функционери, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп го отфрлил договорот. Според весникот, Трамп приватно изразил скептицизам дека Иран ќе ги исполни неговите барања и им рекол на своите соработници дека смета оти е веројатна нова серија воздушни напади.

    САД и Израел започнаа воздушни напади врз Иран на 28 февруари. Иран возврати со напади врз Израел и врз американските бази во Заливот и врз арапските сојузници на САД во регионот, како и со блокирање на Ормускиот Теснец. Пред војната, околу 20% од светската нафта и течниот природен гас минуваа низ овој теснец, а неговото затворање предизвика драстични флуктуации на цените на енергенсите. Тоа исто така го зголеми притисокот врз Трамп да најде начин за ставање крај на конфликтот – особено со оглед на тоа што во ноември во САД се одржуваат избори за Конгресот.

    „Ако се исполнат неопходните услови, теснецот може повторно да се отвори и нормалниот поморски сообраќај да се воспостави во рок од седум дена“, рече Аракчи.

    Тој не прецизираше какви чекори Иран очекува од САД, но додаде дека „постапките што треба да ги преземат САД не се нови. Сите тие веќе се содржани во Меморандумот за разбирање“. „Можам да ви кажам дека, ако постои сериозна намера од американска страна да се постигне договор и повторно да се отвори Ормускиот теснец, сè е веќе подготвено“, додаде тој.

    Американски функционер изјави за „Би-Би-Си“ дека САД се „во многу силна позиција со контрола врз Ормускиот Теснец, така што не брзаме“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира