ИРАН ПРИЗНА ДЕКА ПО ГРЕШКА ГО УРНА УКРАИНСКИОТ ПАТНИЧКИ АВИОН

    ИРАН ПРИЗНА ДЕКА ПО ГРЕШКА ГО УРНА УКРАИНСКИОТ ПАТНИЧКИ АВИОНВо изјавата на армијата се вели дека авионот по грешка бил сметан за „непријателска цел“, откако свртел кон „чувствителен воен центар“ на Иранската револуционерна гарда; - Украинскиот авион на лет од Техеран за Киев падна по полетувањето во средата и загинаа сите 176 патници и членови на екипажот. (Фото: АП)

    Иран призна дека нивните вооружени сили „ненамерно“ го собориле украинскиот авион што падна во средата при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот, откако владата во неколку наврати ги демантираше обвинувањата на Западот дека е одговорна за тоа. Авионот падна во средата, неколку часа откако Иран изврши балистички ракетен напад врз две воени бази во кои беа сместени американски трупи во Ирак, како одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани во американскиот напад со дрон во Багдад. Немаше повредени во нападот врз базите.

    Авионот „боинг 737“ на украинскиот национален авиопревозник падна набргу по полетувањето од меѓународниот аеродром во Техеран.

    Во изјавата на армијата што ја пренесоа државните медиуми, се вели дека авионот по грешка бил сметан за „непријателска цел“, откако свртел кон „чувствителен воен центар“ на Иранската револуционерна гарда. Армијата вели дека била на „највисоко ниво на подготвеност“ поради зголемените тензии со САД.

    „Во таква состојба, поради човечка грешка и на ненамерен начин, авионот беше погоден“, соопшти армијата која се извини и рече дека ќе ги надгради своите системи за да ги спречи идните трагедии. Оние што се одговорни за стрелањето во авионот ќе бидат гонети, се додава во соопштението.

    Иранскиот претседаел Хасан Рохани ја призна смртта на „176 невини луѓе“, а нападот го нарече „непростива грешка“.

    Не е јасно дали авионот бил соборен од конвенционалните сили на Иран или од моќната Револуционерна гарда, која одговара директно на врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи. Солејмани ги предводеше елитните сили Кудс на гардата.

    Поголемиот дел од жртвите во авионската несреќа беа Иранци или Канаѓани од иранско потекло, на лет од Техеран за Киев. Иранските власти повеќе пати исклучуваа ракетен напад, отфрлајќи ги ваквите наводи како западна пропаганда за што властите рекоа дека се навредливи за жртвите.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира