Иран по грешка го соборил украинскиот патнички авион што вчера се урна набргу по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот, објавија американски медиуми, повикувајќи се на разузнавачки извори.
Американски официјални лица веруваат дека „боинг 737-800“ на украинскиот национален авиопревозник бил погоден со проектил, објави Си-Би-Ес. И според британски разузнавачки извори, авионот бил соборен од иранската противвоздушна одбрана.
Несреќата се случи само неколку часови откако Иран изведе ракетен напад на две американски бази во Ирак, како одмазда за убиството на генералот Касем Солејмани, но притоа немаше жртви.
„Сателит детектирал инфрацрвени траги на лансирањето на два проектила и уште еден за експлозија“, изјавија за Си-Би-Ес од американските разузнавачки кругови.
Тие додаваат дека авионот најверојатно бил соборен со проектил „тор“ од руско производство.
Од украинскиот национален авиопревозник вчера кажаа дека урнатиот авион бил еден од најновите и најдобри што го имале во флотата и дека тој пред да падне не испратил никаков сигнал за тревога.