ИСКОРИСТЕТЕ ЈА СЕГАШНАТА МОЖНОСТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ, КАЖА КОСТА НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН, НАЈАВЕНА ПОМОШ ОД 338 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА МАКЕДОНИЈА, ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈА

ИСКОРИСТЕТЕ ЈА СЕГАШНАТА МОЖНОСТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ, КАЖА КОСТА НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН, НАЈАВЕНА ПОМОШ ОД 338 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА МАКЕДОНИЈА, ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈАУрсула фон дер Лајен изјави дека приемот на нови земји е во интерес и на самата ЕУ (Фото: ДПА)

Европската Унија ги повикува земјите од Западен Балкан да ја искористат сегашната можност за пристапување, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, по самитот со лидерите на Црна Гора, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово.

„Одржете го темпото и спроведете ги реформите што ќе ве доведат во Европска Унија. Проширувањето е реална можност и таа треба да се искористи“, рече Коста по самитот.

Тој додаде дека напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија докажува оти пристапувањето кон Унијата не е илузија, туку реална можност за оние кои ќе се ангажираат.

„Оваа година веќе е започнато изготвувањето на договорот за пристапување со Црна Гора, чекор што не сме го направиле повеќе од 10 години“, рече Коста.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека приемот на нови земји е во интерес и на самата ЕУ.

„Светот околу нас брзо се менува. Колку посилна и пообединета е Европа, толку подобро ќе можеме да се соочиме со предизвиците“, кажа таа.

За да ги приближи земјите од Западен Балкан до ЕУ, Брисел на почетокот на следната година ќе започне дијалог за постепена интеграција со секој од партнерите. Фон дер Лајен, исто така, најави дополнителна финансиска помош од ЕУ за Албанија, Црна Гора и Македонија во вкупен износ од 338 милиони евра, која ќе биде доставена во следните недели.

Србија не беше претставена на самитот. Коста го објасни нејзиното отсуство со преодната фаза низ која моментално поминува земјата, по победата на студентското движење на парламентарните избори пред неколку недели.

Србија исто така беше единствената земја од регионот која не ја поддржа декларацијата од самитот, објавена доцна вчера. Во документот се нагласува важноста на помирувањето и на добрососедските односи и се наведува дека величење на воени злосторници, негирање на геноцид и историски ревизионизам се спротивни на основните европски вредности.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира