ИТАЛИЈА ВОВЕДЕ ТРИДНЕВЕН КАРАНТИН ДОДЕКА ЕВРОПА ГО СЛАВИ ВЕЛИГДЕН ПОД СТРОГИ РЕСТРИКЦИИ

    ИТАЛИЈА ВОВЕДЕ ТРИДНЕВЕН КАРАНТИН ДОДЕКА ЕВРОПА ГО СЛАВИ ВЕЛИГДЕН ПОД СТРОГИ РЕСТРИКЦИИСите италијански региони се ставени во „црвена зона“ (Фото: ЕПА)

    Италија влезе во тридневен строг карантин за Велигден, додека европските земји се обидуваат да го сопрат третиот бран на пандемијата.

    Сите италијански региони се ставени во „црвена зона“, што е највисок степен на рестрикции, откако бројот на нови случаи на коронавирус се искачи на повеќе од 20.000 на ден. Сите несуштински движења се забранети, но црквите ќе останат отворени. Втора година по ред, папата Фрањо ќе ја прочита велигденската порака на празниот плоштад Свети Петар во Ватикан.

    По завршувањето на празниците, регионите ќе бидат поделени на „портокалова“ и „црвена зона“, со рестрикции што ќе бидат на сила до крајот на месецот.

    Ковид-19 досега однесе 110.328 животи во Италија.

    И Германија требаше да биде во строг карантин од 1 до 5 април, но канцеларката Ангела Меркел се откажа од планот, опишувајќи го како грешка.

    Нови национални рестрикции вечерва стапуваат на сила во Франција, а полицискиот час од 19 до шест часот е проширен на целата земја. Ќе биде забрането да се патува десет километри од дома, што сепак нема да важи викендов.

    „Откако в понеделник ќе заврши оваа толеранција, полицијата и жандармеријата ќе бидат распоредени за да се обезбеди почитување на мерките. Меѓурегионалните патувања веќе нема да бидат можни“, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан.

    Белгија ги забрани сите несуштински патувања во и надвор од земјата, што беше критикувано од Европска комисија. Рестораните и баровите остануваат затворени.

    И Шпанија ги забрани патувањата меѓу регионите, спречувајќи многумина да се видат со роднини за празниците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира