Највисокиот суд во Италија пресуди дека хотел со пет ѕвездички во Доломитите постапил законски кога одбил да ѝ обезбеди вода од чешма на туристка.
Жената од Рим безуспешно тврдеше дека „водата е природен ресурс и универзално човеково право“ откако келнер ѝ понудил минерална вода во шише од седум евра во ресторанот на хотелот „Сасонгер“ во Корвара за време на скијачката сезона во 2019. Врховниот суд на Италија го отфрли нејзиното барање за надомест од 2.700 евра за емоционална болка и економска штета, објавија италијанските медиуми.
Силвио Беларди, адвокатот кој го застапува хотелот, изјави за весникот „Кориере алто адиџе“ дека судот пресудил дека „хотелот нема обврска да обезбеди вода од чешма“.
Жената тврдеше дека нејзините потрошувачки права биле прекршени кога персоналот го одбил нејзиното барање за вода од чешма, велејќи дека тоа е клучен дел од услугата на хотелот и го споредила со кревет со чаршафи и сапун во бањата.
„Политиката на компанијата е, како и во многу други луксузни објекти, да се служи само флаширана вода која е запечатена. Жената тврдеше дека претрпела штета, вклучувајќи финансиска и морална штета. Ова беше одбиено поради недостаток на докази“, рече Беларди.
Судиите на Врховниот суд ја отфрлија нејзината тужба, пресудувајќи дека италијанските закони и прописи не им наложуваат на местата да им обезбедуваат вода од чешма на гостите и дека одлуката за нејзино послужување зависи од поединечните места.



